И кога сме веќе кај Маршалот…
(заборавен пост за „Денот на републиката“, 29 Ноември)
Да беше Тој жив немаше да има Facebook, немаше да има Twitter, ќе имаше цензура на интернетот, ќе имаше полициски час, информациите ќе беа филтрирани, не ќе смеевме да јадеме гомна за системот, ќе имаше еден главен „Другар“ над сите нас и за ова ќе лежев на Голи Оток … ама од друга страна, ќе имаше морални вредности, сите ќе беа повредни, немаше да се мисли прво на кафето - туку на работата, немаше да ставате слики од целулитот јавно, поповите немаше да продаваат лопати за 3500 евра, немаше да има меѓуетнички конфликти, немаше да се делите на вмровчиња и комуњарчиња, немаше да ја има Лепа Брена, немаше да има граници, немаше да има палење знамиња, секое убиство ќе беше казнето и ќе имаше поголема почит меѓу луѓето.
Јасно ми е дека слободата што навидум ја имаме денеска, ни во тој „навидум“ вид ја немало порано. Негативните работи од тој поранешен систем се далеку повеќе на број, од денешниов „распарчој“, али денес и оние, демек малку, работи што нечинат, се потешки од сите оние ситници, за кои не ни биле свесни луѓето дека не биле во ред, се додека не починал Тој.
Иако сум против поранешниот систем, затоа што ние сме биле „ретардираното детенце“ што било терет на сите, а сите му ги земале поштено сработениот ручек … кога ќе размислам подобро, одма би ги трампал последниве 20 години за „вечната“ Југославија.
Нели, што незнаеш, нема ни да бараш. За ништо немало да знам и се ќе ми било таман. Ќе сум си ја носел петокраката гордо, црвената марама, ќе сум го величел тој Тито и мирна ти глава.
Епа другарице и другови и југоносталгичари, честит „Dan Republike“ и берете памет.